Производство на ЗЕЛКА под фолија: Профитабилен семеен бизнис, инвестиција, мерки, пласман, заработка

ПАРИ

Како една од најстарите градинарски култури, зелката е меѓу најзастапените зеленчуци на македонските ниви. Со развојот на оранжериското производство, одгледувањето зелка се наметнува како сериозна шанса за стабилен приход и сопствен агробизнис.

Низ приказната на агроном Емил Јованов од Струмичко Пиперово, ви го претставуваме агробизнис планот за одгледување зелка во оранжерии со најлонска фолија.

Како и во секој агробизнис, така и во одгледувањето зелка, зад секоја успешна приказна стои желба, добра подготовка и едукација. Емил вели  со сериозен пристап овој агробизнис може да биде извор за егзистенција.

„Најнапред треба да направите добра анализа, каде ќе го пласирате производот, кој ќе го откупува, какви услови имате и колкава е конкуренцијата. Ако се пристапи сериозно, со планирање и работа, зелката може да донесе стабилен приход и да се претвори во сигурен семеен бизнис“, вели Емил.

Првиот чекор за секој почетник кој сака формално да се занимава со овој агробизнис е регистрацијата и запишување во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, што е воедно предуслов за користење субвенции преку Програмата за директни плаќања и ИПАРД програмата, како и за сите бенефиции кои стојат на располагање од државата.

Подготовка на земјиштето и оранжеријата со најлонска фолија

Современото производство на зелка најчесто се одвива во оранжерии со најлонска фолија односно пластеници, кои овозможуваат контрола на условите и поконзистентен принос.

Проценките дека за почеток се потребни 0,5 хектари земјиште, што е и оптимално и за солиден агробизнис со зелка. Оние заинтересирани кои што немаат земјиште, имаат можност да аплицираат на јавните огласи за доделување на државно земјиште под закуп кои што ги објавува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во моментов нема активен повик или оглас за земја, но доколку се објави, информациите ќе ги имате на Агротим.мк.

Изградбата на пластеникот се состои од  конструкција со метална рамка т.е железни цевки, двоен најлон, систем за наводнување капка по капка, штипки, прскалки и важно е да се обезбеди добра вентилација. Предноста кај зелката е што, за разлика од некои други култури, не бара дополнително загревање, што значително ги намалува трошоците.

Вкупните трошоци за изградба на оранжеријата со најлонска фолија за половина хектар се движат од 25.000 до 30.000 евра. Меѓу попознатите компании дистрибутери за најлони за оранжерии и системи за наводнување капка по капка се во Македонија е компанијата „Фалкон“, како и компанијата „Грин Хаус Трејд“.

Регистрираните земјоделци имаат можност да аплицираат и за субвенции во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗР), за обработливa површина за градинарски култури на отворено и во пластеници, меѓу кои спаѓа и зелката.

Висината на субвенцијата за минимум засеана површина за 0,3 хектари изнесува 30.000 денари по хектар. Исто така државатата овозможува покривање на трошоците за нафта за механизација, за зелката изнесува 9.600 денари по хектар.

Каков тип на механизација е потребен

Откако ќе се изгради пластеникот, за тековните земјоделски активности потребно е набавка на основна механизација, односно плуг, фреза, трактор, пумпа за прскање.

Цената на плуговите  за орање се движи околу  300 евра, на фрезите околу 500 до 600 евра, а на тракторите од 9.000 до 12.000 евра. Обична пумпа за прскање чини од 400 до 450 евра, а пумпа т.н. атомизер чини околу 1.400 евра.

Овие цени за земјоделска механизација се дискутабилни, можеби повисоки и зависат од продажното место, брендот и квалитетот. (Во преговори сме со застапници на земјоделска механизација да имате можност да купувате со одреден попуст доколку сте читател на Агротим и АгротимПРО). Во овој момент имате можност за набавка на РАТИ БЕЗ КАМАТА со помош на картичка на Diners Club. Повеќе информации во објавата во прилог:

За поголеми инвестиции и набавка на трактор и друга приклучна механизација имаме соработка со ПроКредит банка која има посебна линија за земјоделци. Можете да аплицирате на следниот линк.

Начин на садење, семе и заштитни средства

Зелката може да има две реколти. За првата реколта расадувањето се врши почеток на декември до средина на јануари, а бербата се врши крајот на февруари до крај на март.  За втората реколта расадувањето се врши во август а бербата е средина на октомври.

Откако ќе се засади, потребно е редовно наводнување, прихрана и заштита од болести се дел од секојдневните обврски. Заштитата се врши на секои 10 до 15 дена зависно од временските услови.

„Расадот мора да се следи и да се реагира навреме. Тоа понатаму носи добар и квалитетен род“, објаснува Емил.

Трошоците за набавка на семе, заштитни средства, ѓубриво и супстрат за една реколта за половина хектар изнесуваат околу 900 евра. Или конкретно набавката на семе за половина хектар чини 200 евра, за хемиски препарати 400 евра, за ѓубриво 200 евра и за супстрат 100 евра.

Меѓу попознатите дистрибутери од кои што земјоделците набавуваат семе и заштитни средства  за зелка се „Хемомак“,  „Холма“, „Ферти кроп“, „Агриматко“,

Резултатите доаѓаат со време

Првиот род кај пролетната зелка пристигнува по околу три до три и пол месеци, односно 100 до 110 дена од садењето. Бербата се врши со сечење, а родот од една реколта на зелка се движи од 18 до 25 тона. Откупната цена на зелката е од 30 до 50 денари. Според проценките на земјоделците, приходот од овој род од една реколта зависно од откупната цена може да изнесува од 720.000 денари до  1.250.000 денари или во евра од околу 12.000 евра до над 20.000 евра.

Пласманот најчесто оди преку откупувачи, а голем дел од производството завршува на странските пазари.

„Најважно кај секој земјоделски производ е пласманот. Ако имате сигурен откуп, работата е многу полесна, тогаш и производството е предвидливо“, вели Емил.

Колку чини вкупната почетната инвестиција

Кога ќе се соберат сите трошоци од подготовка на оранжеријата, механизација, семе, заштитни средства, почетната инвестиција за производство на зелка на половина хектар се движи меѓу од 37.500 до 45.650 евра. Со добро планирање и успешна реколта, инвестицијата може да се врати за една година.

Ако се земе предвид приходот што се остварува од една реколта, тогаш може да се заклучи дека овој агробизнис може да биде доходовен и сигурен извор на егзистенција.

Сублимирана пресметка за почетна инвестиција, на годишно ниво за 0,5 хектари:

Еднократна подготовка на оранжерија со најлонска фолија= 25.000 до 30.000 евра

Опрема и механизација = 11.600 до 14.750 евра, во зависност од опремата и изборот на трактор

Семе и заштитни средства = околу 900 евра

Вкупна инвестиција = од 37.500 до 45.650 евра

Приход од една реколта = околу 12.000 евра до над 20.000 евра

Приход од две реколти = 24.000 до над 40.000 евра

Во започнувањето на агробизнис од голема корист за земјоделците се поволните кредитни линии наменети за земјоделскиот сектор што ги нудат македонските банки и штедилници.

Континуираното инвестирање во земјоделството значи подобрување на квалитетот и конкурентноста на производството.

Производството на зелка може да биде стабилен извор на приходи за едно семејство, важно е да се вложува во производство, во знаење и континуирана едукација.

„Земјоделството не е брз бизнис, но ако се работи со посветеност, едукација и трпение, успехот е загарантиран, трудот е исплатлив, а со време и резултатите сами ќе дојдат“, порачува Емил.

Извор: Про.агротим.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *