Компанијата Евергрин, чиј брод Евер Гивен го запре сообраќајот преку Суецкиот канал ќе мора да плати огромна штета.
Се проценува дека блокадата на Суецкиот канал дневно спречувала минување на товар вреден 9,8 милијарди долари.
По неколку обиди и речиси седум дена по блокирањето, бродот беше поместен, но сè уште не го напуштил каналот. Египетските власти го држат бродот во каналот сè додека сопствениците не се согласат да платат милијарда долари како компензација.
„Бродот ќе остане тука сè додека не заврши истрагата и не се исплати надомест. Се надеваме на брз договор”, изјавил генералот Осама Раби.
Надоместокот треба да ги покрие трошоците за употреба на опремата со која е отстранет бродот, за исплата на работната сила, како и предизвиканата штета. Египетските власти исто така започнале истрага за причината за инцидентот.
Бродот беше поместен благодарение на плимата и осеката, работата на багерите и влечењата со други машини.