Дали сме сите во хаос, или повеќе така ни одговара да кажуваме и да се „заразуваме“ едни со други со лошите работи што ни се случиле, не можам да знам, но знам дека денеска ме „освои“, возрасен човек, далеку постар од мене, кој ми стана во автобус, и ми го отстапи неговото столче. Првпат ми се случува да ми отстапат место во преполн автобус. Млади деца вртат глава, а најголема среќа ти е ако си застанал случајно до некој што треба да се симне.
Човекот, кога ме виде како влегувам со кеси, кои секако ми беа тешки, бидејќи заради ковидот, практикувам еднаш неделно да одам во продавница, кој знае што си помислил, па стана како попарен, демек за нешто ми е виновен. Му реков дека не треба, дека можам, но беше упорен. Наспроти сите маани на општеството, почувствував дека сè всушност си е во ред, а сфатив дека сè зависи од нас, лично и поединечно.
Човекот ненамерно ми одржа добра лекција, за добрата волја, не е важно кој е млад, кој е стар, кој е жена, кој маж, кој може, кој не, важно е кому што му е потребно и кој тоа може да го даде.
Се вакцинирав со добрата волја на еден човек, па верувам дека наспроти актуелната тема, коронавирусот, најважно од сè е во меѓувреме да бидеме добри луѓе, да покажеме искрени сочувства и разбирање кон другите, да се почитуваме и да си веруваме, бидејќи од сите вакцини што постојат во светот, најважна е таа што си даваме и примаме секој ден едни со други и после неа се вика „благодарам“.
Автор: Мисли си