Во недела, 28 март, пристигнуваат првите 24.000 вакцини преку Ковакс, зголемен бројот на активни и хоспитализирани со Ковид-19

ИНФОРМАЦИИ SLIDE

На 28 март во државава ќе пристигне првата пратка од 24.000 вакцини на „Астра Зенека“ преку Ковакс системот, со што, како што најавија властите, треба да почне вакцинацијата на населението.

-Оваа недела на 28 март, во 07:55 часот во Скопје пристига првата пратка од 24.000 вакцини на „Астра Зенека“ преку Ковакс системот, објави синоќа на својот фејсбук профил министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот претходно најави дека во април се очекува да стигнат поголеми количини вакцини и од Кина и Русија.

Во тек е вакцинација против Ковид-19 на здравствените работници. Според податоците објавени на сајтот kovid19vakcinacija.mk , досега вакцина против Ковид-19 примиле 6 940 здравствени работници, а вкупно пријавени граѓани за вакцинација преку сајтот vakcinacija.mk се 111.285.

Според податоците од Институтот за јавно здравје, зголемен е бројот на заразени и хоспитализирани со Ковид-19 во државава. Регистрирани се нови 1.264 случаи со Ковид-19, 29 починати, 722 оздравени пациенти.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 123.491, бројката на оздравени пациенти е 103.374, на починати е 3.574, а бројот на активни случаи изнесува 16.543.