Една стара приказна зборува за тројца мажи, кои, секој од нив носел по две вреќи. Но, тие не го чувствувале товарот како да е со иста тежина. Нивните вреќи, едната однапред, а другата позади, им виселе на дрвен стап на рамената.
Запрашале еден од нив што носи во неговите вреќи. Тој им одговорил: „Сите мои успеси, сите добри дела на моите пријатели, сите животни радости – се во вреќата позади. Скриени од погледите, завршени, покриени со лисја, тие и не ми пречат многу. Во торбата однапред ги имам сите лоши и грди работи што ми се случиле. Одам, често застанувам, ги вадам, набљудувам, учам, размислувам што ќе направам. Постојано сум со нив, и во мислите и во чувствата. Работам на нив цело време“.
Овој човек често застанувал, гледал наназад, се измачувал и напредувал многу бавно.
Потоа го запрашале вториот човек истото. Тој им одговорил: „Во вреќата пред мене ги носам моите добри дела, моите силни страни. Често ги гледам, ги вадам и им ги покажувам на другите. Во вреќата зад мене ги имам моите грешки и моите слабости. Ги носам со себе каде и да одам, бидејќи тие се мои и не можам само да ги оставам. Тие ме успоруваат, а понекогаш и ми се многу тешки “.
Третиот човек одговорил: „На вреќата што е пред мене го напишав зборот добрина. Тоa e збор полн со позитивни чувства, мисли, добри дела и ме потсетува на сите добри работи што сум ги имал и сум ги направил во животот. Таа вреќа не ми е тешка. Напротив, ми помага да одам напред. На вреќата зад мене ги напишав зборовите „лоши спомени“ и таа е празна бидејќи ѝ го пресеков дното. За сè лошо што ми се случило, за лошите мисли што понекогаш ми доаѓаат, за целата злоба што ќе ја слушнам од другите, малку ќе размислам и потоа ќе ги фрлам во таа торба. Откако ќе влезе во вреќата јас сум слободен и немам товар што би ме забавил“.
Oвој човек бил најбрз и ја водел колоната бидејќи неговиот товар бил најлесен.