Објавен огласот за финансиска поддршка за електрична енергија за лицата со ниски примања

ИНФОРМАЦИИ

На веб-страната на Министерството за економија објавен е јавниот повик за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лицата со ниски примања, а обезбедени се 60 милиони денари за оваа цел.

Според јавниот оглас, објавен на веб-страната на Министерството за економија, лицата со ниски примања се стекнуваат со финансиска поддршка преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 до 800 денари сметано од денот на поднесување на барањето. Проценките се дека ќе бидат опфатени над 7.500 домаќинства.

Доделувањето на финансиската поддршка ќе го врши Министерството за економија преку селекција на пристигнатите барања со примена на принципот на најниски примања во домаќинство во 2021 година за секоја од категориите, се до исцрпување на предвидените средства согласно програмата.

Финансиската поддршка се доделува на месечно ниво по корисник во времетраење од 12 месеци.

Лицата кои ги исполнуваат критериумите треба да поднесат барање, потоа изјава заверена на нотар со која се потврдува дека целокупната приложена документација кон барањето е точна и веродостојна, потврда од работодавецот за висината на исплатена плата во 2021 година или извештај од банка за уплатени пензиски примања од Фонд за ПИОМ (чек за пензиски примања) за 2021 година и извод од банка за сите трансакциски сметки направени минатата година од страна на подносителот на барањето и на членовите на домаќинството. Меѓу документите што треба да се поднесат се и потврда од Агенцијата за вработување дека членовите на домаќинството не се вработени и фотокопија од последната добиена сметка за 2021 година за потрошена електрична енергија во домаќинството.

Целокупната документација се доставува преку пошта до Министерство за економија на адреса „Јуриј Гагарин“ бр.15, 1000 Скопје, со назнака – јавен оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лица со ниски примања за 2022 година.

Повеќе информации за огласот може да се најде на https://www.economy.gov.mk/doc/3070, а рокот за аплицирање е 30 дена од денот на објавување на огласот.