Животот на хрватскиот спортски херој воопшто не бил како животот на колегите тенисери од целиот свет. Неговата животна приказна сигурно заслужува да биде на филмско платно, особено затоа што започнува од голема неизвесност, како бегалец од Бања Лука, па стигна да биде тренер на еден од најпознатите тенисери во светот, но и не само тоа.
Иван Љубичиќ (42) зад себе има фантастична тениска кариера. Тој беше трет играч во светот, го освои Дејвис купот и уште 10 турнири во Хрватска, а во кариерата заработи повеќе од 10 милиони долари само како награди од турнири.
Но, зад него е многу тежок животен пат. За тоа сведочи фотографијата од детството која ја објави на својот профил на Инстаграм. На фотографијата се гледа неговото социјално осигурување со назнака „бегалец“.
На самиот почеток на неговата кариера, откако го освоил првенството на својата поранешна држава, како 12-годишник, со торбата во рацете, ја напуштил родната Бања Лука, неговата семејна куќа, пријателите… и сè што му се вртело низ глава било каде и како ќе ги поминат бегалските денови во Хрватска. Иван дошол во Хрватска како бегалец во средината на мај 1992 година, со неговата мајка и постариот брат. Во Бања Лука останал само татко му, на кого локалните власти му направиле проблем и не му дозволиле да замине со нив. Пет месеци живееле во неизвесност, не можеле да се слушнат со татко им во Бања Лука. Секој ден за нив бил како да е година. Во нивниот изнајмен стан во Риека една вечер заѕвонил телефонот. Тоа бил таткото кој сепак успеал по пет месеци да ја напушти Бања Лука и да стигне до Сисак. На нивната среќа ѝ немало крај.
Куќата што им останала во Бања Лука и целиот имот ја размениле за стан во Риека. Иван продолжил да тренира, а една година подоцна добил сериозна понуда од Италија. Токму таа понуда имала големо влијание врз неговата одлука да започне професионално да се занимава со тенис.
„Заминав во Торино и таму поминав три години. На почетокот не беше лесно, сакав да се вратам дома… Но, малку по малку се навикнав, го научив јазикот, се чувствував добро и резултатите почнаа да доаѓаат“, изјави еднаш Иван Љубичиќ.
За првпат Иван фатил тениски рекет кога имал осум години. Татко му го однел на тениско игралиште. По само неколку месеци тренирање, сфатил дека тоа е спорт за него. И сè што направи во кариерата го потврдило тоа.
Денес Љубичиќ е познат во целиот свет како тренер на големиот Роџер Федерер, но тоа не е единствената работа што ја работи.
Неговата тениска кариера завршила релативно рано, во април 2012 година, на 33-годишна возраст. За Љубичиќ имало најмалку три можни сценарија за иднината: да тренира, да ја продолжи соработката (коментирајќи ги тениските настани) со италијански Скај Спорт, или да почне да работи како менаџер.
Извесен период паралелно ги работел сите три работи, а денес често е на Скај Спорт, а тренер е и на Роџер Федерер, што е најголема чест за него. Сепак се чини дека менаџирањето на кариерите на младите тенисери се повеќе го привлекува и таа е работата што тој (исклучиво или претежно) ќе ја работи во иднина. И тој е навистина добар во тоа…
Менаџерската кариера ја започнал во 2013 година кога се грижел за чешкиот тенисер Томаш Бердих, кој е само шест години помлад од него. Го тренирал и Милош Раониќ, кого го внесе во Топ 10, а во декември 2015 година како тренер го презеде довчерашниот ривал, но и пријател Роџер Федерер, кој е само две години помлад од него. Сепак, Иван одлично се снајде и во таа работа, под негово водство Федерер освои уште три Грен слем турнири (Австралија Опен и Вимблдон во 2017 година и Австралија Опен во 2018 година) и го прекина четири и полгодишниот „пост“ со освојување на Грен слем титулата. Експертите забележале дека Швајцарецот заедно со Хрватот значително го подобрил бекхендот и почнал да игра поофанзивно.
По Федерер, Иван го искористил затишјето во тренерскиот бизнис (поради кризата со коронавирусот и повредата на коленото на Федерер, а потоа и двојната операција) за значително да ја зајакне својата менаџерска агенција, сега под името „LJ Sports Group“, регистрирана во Луксембург. Покрај Иван, во компанијата се и братот на сопругата на Иван, Фади Шалаби, тренерите Лука Кутањац, Дино Маркан и Мате Делиќ, како и Ричард Еванс, поранешен директор на АТП кој се занимавал со маркетинг и спонзорство. Неговата компанија веќе се грижи за кариерите на Борна Ќориќ и Русинката Дарија Касаткина, за младиот Кинез, Жижен Жанг, за многу хрватски таленти, за германскиот возач во „Формула 1“, Нико Хулкенберг, а од неодамна и за Дона Векиќ и Италијанецот Матео Беретини.
Večernji.hr