Корпорацијата „Хонда“ вработува речиси 200.000 луѓе во Јапонија и во САД и се смета за една од најголемите автомобилски империи во Јапонија, со највисока продажба во САД, веднаш зад „Тојота“, а започнала благодарение на еден човек Соичиро Хонда.
Соичиро Хонда (1906-1991) бил првороденото дете во многу сиромашно семејство кое живеело во јапонската земјоделска провинција Хамамасу. Татко му бил ковач и поправал велосипеди, а Хонда уште како дете му помагал во работата. Токму ова го одредило и животниот пат на малиот Хонда. Знаењето на неговиот татко му помогнало да добие почетна обука, особено во делот на техничните вештини за решавањето на проблемите околу тогашните превозни средства. Во тоа време семејството на Хонда било толку сиромашно што пет од децата на Хонда умреле од глад уште како мали.
Соичиро бил слаб ученик и многу често место во училиште одел да му помага на татко му. Тој многу сакал автомобили и механички уреди, а кога како дете за првпат видел автомобил, бил буквално хипнотизиран:
„Заборавив на сè, само трчав по автомобилот … Многу бев возбуден … Мислам дека тогаш, иако бев многу мал, знаев дека некогаш ќе направам автомобил“, раскажал во една прилика Хонда.
Откако го завршил училиштето, на 15 годишна возраст, заминал во Токио, каде станал чирак во работилница за поправки на автомобили, сакајќи да биде автомеханичар.
Но, бидејќи бил премногу мал и неискусен, газдата на работилницата повеќе го терал да му чува децата отколку да работи, па Соичиро не можел многу да научи. Сето тоа се променило по разорниот земјотрес во Токио, во 1923 година, кога повеќето механичари биле зафатени со поправка на своите домови, а во гаражата немало кој да работи. Дури тогаш неискусниот Хонда добил можност да го прави она што отсекогаш сакал да го прави: автомобили.
Во 1928 година го добил првиот од неговите 150 патенти за идејата да ги замени дрвените краци на тркалото на колите со метални краци. Истата година, тој се вратил во неговиот роден град, Хамамацу за тука да основа своја филијала на работилницата од Токио, во која ги вложил сите пари заработени од продадениот патент и заштеденото. Од тој момент започнал неговиот подем и желбата да има своја компанија за автомобили, но камен-темелникот на најголемиот светски производител на мотоцикли бил ставен години подоцна, после војната во бомбардираната Јапонија.
Во својата работилница Соичиро, меѓу другото работел на својот изум прстен за клип што сакал да ѝ го престави и да ѝ го продаде на „Тојота“. Кога конечно го завршил и го понудил, му било кажано дека неговиот пронајдок не ги исполнува стандардите. Сите му се смееле, па заминал на дообразување. По, уште две години работа, конечно го потпишал договорот со Тојота, Но, и тука не застанале неговите амбиции.
Пред почетокот на Втората светска војна Соичро веќе ги имал развиено своите први големи проекти. Некои историски извори тврдат дека тој ја основал првата мала приватна механичка работилница и фабрика во 1937 година, откако претходно завршил со работилницата и „Тојота“.
Но, таа негова мала фабриката во војната била целосно уништена. Сојузничките сили ја бомбардирале фабриката, што работела само седум месеци. Тој побарал помош од јапонските власти за да му помогнат да ја возобнови фабриката, но добил негативен одговор.
Крајот на војната донел и економска криза во Јапонија, а луѓето немале пари ниту за автомобили, ниту за гориво.
Токму тука Соичиро добива идеја да инсталира мотор на велосипед, во почетокот за негови лични потреби. За кратко време оние што го познавале, побарале и ним да им направи таков „велосипед“.
Во 1948 година, започнал да производува моторизирани велосипеди во својата малата дрвена работилница, а побарувачката била голема.
По првичниот успех со правењето на овој моротизиран велосипед, Хонда испратил писмо до речиси сите продавачи на велосипеди во Јапонија за да го понудат неговиот изум во продавниците. Преку писма тој им се обратил лично на 18.000 сопственици на продавници на велосипеди во Јапонија. Во писмата им пишал дека можат да одиграат голема улога во ревитализацијата на Јапонија преку мобилноста што можел да ја обезбеди со неговиот изум. Од нив 5.000 ја прифатиле неговата идеја. Но, откако го направил, неговиот изум, велосипед со мотор, го купувале само најзакоравените љубители на велосипеди затоа што бил гломазен и голем. Потоа Хонда направил приспособување и создал понамелена верзија на неговиот моторизиран велосипед. Токму тоа му ја донела славата и наградата од царот, но најважно од сè, се родил „D“, првиот јапонски мотор.
Во 1948 година Хонда започнал со производство на мотори, како претседател на корпорацијата Хонда Мотор, која станала водечки производител на мотоцикли во светот. Многу кратко по успехот во Јапонија, Ходна почнал да ги извезува своите мотори и на повоените генерации во Европа и САД.
Во раните 50-ти, Соичиро Хонда ја „напаѓал“ преполната индустрија за мотори, но и на автомобили.
До 1963 година, „Хонда“ стана доминантна сила во бизнисот со мотоцикли буквално во секоја земја во светот, a Соичиро Хонда бил човекот кој ја претворил моторџиската индустрија во пазар од 3 милијарди долари. Неговите оригинални идеи во дизајнот и маркетингот ја смениле сликата за мотоциклот од култните „црни кожни јакни“ на Харли во „забавно, семејно возило од средна класа“, a мотото со кое го рекламирал „освојувало“ од прва: „You Meet the Nicest People on a Honda“. „Хонда возат добри луѓе“.
Јакнејќи ја својата позиција во индустријата за мотори, енергичниот и амбициозен Соичиро Хонда решил да го освои автомобилскиот пазар и се „обложил“ и на тркачки автомобили. „Ако нема трки, ќе ја нема и Хонда“, е една од неговите пораки што останале врежани во мислите на неговите вработени.
Иако Јапонското Министерство за меѓународна трговија и индустрија одбило да му помогне и му соопштила дека на Јапонија не ѝ треба друг производител на автомобили, Соичиро Хонда, во неговиот неповторлив стил, ги игнорирал откако во средината на -50 фирмата била во криза и земал кредити од САД и Германија за да го унапреди своето производство. Правел и продавал евтини автомобили, вложувал во скапи.
Така се родил и првиот тркачки авотомобил „Хонда“, кој дебитирал во -60тите..
Една од првите области што со која нападнала и победила „Хонда“ било тесното грло на индустријата на автомобилите – стандардите за чистота на издувните гасови утврдени од американската влада. Ниту еден гигант од индустријата не можеше да се справи со овој огромен проблем, ниту американските фирми – Џенерал моторс, Форд и Крајслер, ниту пак јапонските гиганти – Тојота и Нисан, а уште помалку германските „Мерцедес“, „БМВ“, „Порше“…
Тие излегле од ситуацијата создавајќи катализатор. Хонда го ставил ова во прв план и несомнено ги заобиколил овие „титани“ со претставувањето на првиот мотор со ниско загадување, „SSVS“. Овој уред, кој елегантно го решил проблемот со загадувањето, бил инсталиран на „Цивик“, автомобил лансиран во 1975 година и станал инстант светски хит.
Хонда секогаш се присетувал на неговата прва средба со автомобилот и како со денови одел на тоа место за да го почувствува мирисот на маслото и бензинот. Кратко кажано долгиот негов пат до марката Хонда изгледа едноставно: тој е самоукиот механичар од Јапонија кој се сетил да стави мотор со ниска моќност на обични велосипеди. Но, прв се сетил и да дава гаранција за своите производи, одлично се рекламирал, всушност верувал дека добро изградените производи сами ќе се продаваат, како ноговото „првородече“ „D“, што всушност е првата буква од зборот „Dream“ – сон, а „моќта на соништата“ е официјалниот слоган на „Хонда“, иако под овој слоган никогаш не рекламирале автомобили.
„Хонда“ е и првот производител на автомобили што давал едногодишна гаранција за своите производи.
На крајот, овој некогашен работник, кој заради работничката облека за малку немало да може да си ја земе наградата од царот, својот успех го набљудувал однадвор. На невообичаена возраст за Јапонците, на 63 години се повлекол од управата во концернот „Хонда“, во 1973 година, а продолжил да работи уште 10 години. По напуштањето на „Хонда“, Соичиро бил избран за потпретседател на Стопанската комора на Токио и Здружението на јапонски производители на автомобили. Тој исто така основал две непрофитни организации: Фондацијата Хонда и Меѓународната асоцијација за сообраќај и безбедносни науки.
Соичиро Хонда починал во 1991 година, на 84 години, од болест на бубрезите.