Во источната половина на островот Јамајка, во близина на Кингстон, се наоѓа градот Порт Ројал.
Да сте таму денес, можеби нема да забележите нешто посебно. Напуштена тврдина со поглед кон океанот, неколку кафулиња… одлично место за одмор, мирно и тивко. Сепак, историјата на Порт Ројал е многу поинаква – и е скриена, всушност под морето.
Некогаш, тука било полно, алкохол, злато, коцкање, корупција, проституција, робови, пирати … Сето ова го оправдува и прекарот што го имал Порт Ројал со години, „Градот на гревовите“, најзлобниот и најгрешниот град на светот.
Откако Колумбо се заљубил во Јамајка кон крајот на 15 век, не поминало долго време за таа да се најде под англиска власт. Во 17век започнува силниот раст.
Порт Ројал бил природно пристаниште кое можело да прими околу 500 бродови. Станал најголемиот град на Карибите полн со можности – за луѓе со најразлични амбиции и различни слоеви во општеството. Богатите Англичани уште повеќе се збогатувале со продажба на робови во пристаништето, а тука биле и пиратите кои постојано ги напаѓале и ограбувале шпанските бродови на соседните острови.
Својата неславна репутација градот ја стекнал не само поради пиратите, туку и поради огромните количини алкохол, акумулацијата на злато, кичестиот приказ на богатство и дамите со „лесен морал“.
Цела четвртина од градот бил кафулиња и бордели, а се вели дека пиратите овде за еден ден на „жени“ и на алкохол трошеле повеќе отколку што просечен селанец во тоа време заработувал за цела година.
За хаосот што владеел таму, сведочи и фактот дека во 1675 година, пиратот Хенри Морган станал поручник-гувернер на пристаништето. Се чинело дека таму ништо не било невозможно и дека градот е врвот на светот …
Утрото, на 7 јули 1692 година, силен земјотрес со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала ја погодил Јамајка.
Бидејќи пристаништето во голема мерка било изградено на трусно подрачје и песок, живеалиштата речиси целосно биле срамнети со земја и поплавени од поплавата што следувала по земјотресот. Во несреќата загинале околу 2.000 луѓе.
Едмунд Хит бил еден од преживеаните кој во тоа време бил на еден од бродовите и сè видел од далечина.
„Земјата се отвори и ги голтна луѓето пред моите очи. Морето се крена над ѕидовите и сфатив – невозможно е да се избега”, напишал Едмонд.
Речиси сите што го преживеале овој земјотрес и поплавата сметале дека тоа им е Божја казна.
И покрај трагедијата, пиратите продолжиле да ограбуваат и да го киднапираат шпанските бродови и во следните 50 години, а и природата продолжила со својот начин: избувнувале пожари, често имало земјотреси, урагани… Ова ги натерало Англичаните конечно да се откажат од пристаништето, се спакувале и си заминале.
Поголемиот дел од стариот град од 17 век денес е на дното на морето. Бидејќи не пропаднал многу длабоко, посетителите сè уште можат да ги видат покривите на куќите и делови од градот што морничаво „ѕиркаат“ од водата, а нуркачите можат и да се прошетаат по неговите улици.
Во видеото подолу е направена комјутерска 3-де верзија како тој изгледал.