Приказната за Џамбо, слонот што стана бренд за големина

ПРИКАЗНИ SLIDE

Во 1861. година група ловци собориле голема слоница во Етиопија, а нејзиното мало го однеле на границата со соседниот Судан и го продале на сопственик на патувачка менажерија. Одејќи од град до град, менажеријата преплавена со егзотичен див свет, застанувала на одредено место, се поставувале шатори и животните парадирале или го забавувале локалното население.

Слончето, заедно со уште неколку животни со кои ја делеле истата судбина, патувајќи од едно место на друго, од Африка стигнало дури до Европа. Потоа било продавано и препродавано, се додека на крај не било продадено на Зоолошката градина во Лондон.

„Здраво, шефе!“, го поздравил еден од чуварите на Зоолошката градина малиот.

„Еј, ми текна нешто!“ рекол друг чувар на Зоолошката градина. „Здраво“ на свахили е „хуџамбо“, а „шефе (главен)“ е џумбе! Можеби треба да го викаме Џамбо!“

Додека другите возбудени ја коментирале идејата за името и како ова име совршено му одговара на малото, Метју Скот (новиот чувар на слонот) бил многу вознемирен кога забележал дека слончето е болно, целата кожа му била повредена. Малиот Џамбо имал и сериозна инфекција на очите која би можела и да го ослепи.

„О, мое малечко болно суштество!“ – помислил Скот.

Но, кога слончето ја подигнало својата сурла и ја допрело раката на Скот, го освоило за миг. Чуварот одлучил да го спаси. „Во ред, ќе те излечам, Џамбо!“, рекол Скот и си го одржал зборот.

Кога Џамбо пораснал, Скот ги уверил главните во Зоолошката градина да му најдат партнерка. Така африканската слоница Алиса влегла во животот на Џамбо. Двата слона поминале многу години заедно во Зоолошката градина, а за нив се грижел Скот.

Една од главните атракции во Зоолошката градина било „возење со Џамбо“. Тоа било толку возбудливо искуство, особено затоа што никој во земјата дотогаш не видел толку високо животно и големо како Џамбо – тој бил висок речиси 4 метри.

Џамбо станал многу популарен меѓу посетителите, особено децата – не само затоа што бил голем, туку и многу мил и паметен. Еднаш, кога Џамбо се шетал низ зоолошката градина со неколку деца на грб, одеднаш застанал во место. Тогаш Скот му наредил: „Ајде Џамбо, оди, движи се, Џамбо!“ Но, слонот одбил да се помрдне.

Токму тогаш, една жена панично трчала кон нив, врескајќи: „Ќе ми го убие детето! Спаси ми ги детото!“

Скот, збунет ги погледнал децата кои седеле на грбот на Џамбо, сите изгледале безбедни. Потоа го забележал паднатото дете кое трчало покрај Џамбо. Тоа се сопнало и паднало точно пред џиновското животно.
Било кој друг „ѕвер“ веројатно би го згазил, но не и Џамбо. Тој секогаш бил особено внимателен кога околу себе имал деца. Скот гледал како Џамбо нежно го зема малото момче со сурлата и го става на страна од патеката, Токму тогаш на местото стигнала и мајката. Дури потоа Џамбо продолжил да оди напред.

Во тоа време, П.Т. Барнум, славниот американски сопственик на циркус, дознал за Џамбо и сакал да го купи за да направи атракција од „џиновскиот слон“. Тој ѝ пишал на Зоолошката градина барајќи да му го продадат слонот. Главниот на Зоолошката градина веднаш се согласил бидејќи Џамбо станувал сè пораздразлив, особено ноќе кога го држеле врзан со синџири, а на чуварите им било се потешко да се справат со него.

Мислејќи дека можеби ова ќе биде добра промена за Џамбо, но и љубопитен како Американците ќе реагираат на „најголемиот слон на светот“, Скот се согласил на продажбата, но под услов да го придружува слонот на најдолгото патување преку Атлантикот, од Европа до Америка. Тој сакал Џамбо да оди во Америка со Алиса, неговата партнерка, но сепак, тоа не било дозволено.

„Можеби некогаш ќе можеме да ја однесеме Алиса во Америка за да го види Џамбо! Тие не можат да си телефонираат или да си пишуваат писма еден на друг како ние луѓето!“, му рекол Скот на еден свој пријател.

Жителите на Лондон, особено децата, ја примиле оваа вест со голема тага. Некои дури понудиле пари за да го откупат! Се здружиле и собрале доволно голема сума за да го купат Џамбо. Но, нивниот план пропаднал бидејќи Барнум бил дециден во намерата и рекол дека Зоолошката градина не може да го раскине договорот што го потпишала со него, а тој дефинитивно не сакал да го продаде слонот на никого.

На денот на заминувањето на Џамбо од „Зоолошката“ во Лондон, повеќе од 8.000 лондончани стоеле во редица за да се поздрават со слонот, некои дури и плачеле по него.

„Да ни се вратиш, Џамбо! Ќе ни недостасуваш!” плачеле и децата. Многумина му донеле проштални подароци, сè што имало од колачи до торти, па дури и тикви! Џамбо не сакал да си замине и одбивал да влезе во специјалниот кафез направен за неговото патување. Скот го искарал, но Џамбо не мрдал. Долго време Скот го терал повторно и повторно да влезе во кафезот, за на крај Џамбо да го послуша и да влезе во заградениот простор.

Кога слонот и неговиот чувар стигнале во Америка, во април 1882 година, неколку коњи и други два слона биле потребни за да го извлечат кафезот на Џамбо од бродот.

Барнум, не губел време, многу кратко по пристигнувањето на Џамбо, започнале турнеите низ Америка со новиот „џиновски слон“. Како што се очекувало, веднаш започнале и редиците за билет во неговиот циркус, за да се види „најголемото шоу на земјата“ – Џамбо! Во тоа време името на слонот започнало да означува сè што е огромно. Луѓето од индустриите започнале да користат „џамбо“ како придавка или име на бренд за големина, поголемо од најголемото – ете колку Џамбо станал популарен!

Наклонетоста на Џамбо кон Скот не се променила и во Америка. Тој дури еднаш му го спасил животот кога 30 слонови, дел од циркусот, ненадејно се одврзале и влегле во специјалниот шатор каде Џамбо и Скот чекале да дојде времето за нивниот настап. Чувствувајќи го непријателското расположение на слоновите кои му приоѓаат на Скот, Џамбо брзо застанал над него и го сокрил својот пријател под стомакот, самиот одбивајќи ги нападите на другите слонови. Тој го бранел неговиот пријател сè додека другите чувари не дошле и ги прибрале нивните слонови.

Во септември 1885 година, циркусот отпатувал за Онтарио, Канада. Таму, шаторите биле поставени до железничка пруга, додека вагоните на циркусот стоеле на една од шините што не се употребувала. Во тие денови, на вагоните од циркусот, во кои се превезувале животните, им било дозволено да ги користат бесплатно железничките линии на секое место каде што патувал „циркусот“.

Овде Џамбо секој ден требало да ги минува шините за да оди од својот вагон до главниот шатор каде што се изведувале точките. Екипата од циркусот ја отстранила оградата од едната страна на пругата, правејќи си краток пат за да можат лесно и брзо да преминуваат.

Токму тука Џамбо угинал.

Одејќи си по нивниот пат, еден ден Скот и Џамбо се враќале преку шините со уште едно мало слонче со име Том Тамб. Одеднаш, Џамбо почувствувал дека се приближува опасност и силно „затрубел“. Кога сфатил дека кон нив доаѓа воз, Скот извикал: „Бегај Џамбо!“ Тројцата, двата слона и Скот, се затрчале да се тргнат од пругата.

Машиновозачот ги видел животните, започнал да кочи, но не успеал доволно брзо да го запре возот. Испаничен Скот само викал, како да му вика на човек: Лево, Џамбо, бегај лево!

Од десната страна биле паркираните вагоните, па единствениот начин Џамбо да се тргне од шините било на левата страна.

Но, лево имало длабока дупка, па затоа Џамбо се двоумел и само продолжил да трча пред возот. Возот удрил во Џамбо и смртно го повредил. Неговиот најдобар пријател, Скот, веднаш дотрчал и се обидел да го смири. Не тргајќи го погледот од Скот, Џамбо му ја ставил сурлата на раката и се поздравил со него за последен пат. За неколку минути, „најголемото живо суштество на светот“ заминало засекогаш.


Не можејќи да се помири со тоа што се случило Скот плачел со денови. Но, Барнум и во ова видел сензација. Џамбо бил одран, коските извадени и наместени и за кратко време бил повторно „точка“ во циркусот. За неколку недели, пополнетиот труп со кожата и неговиот висок скелет станале две посебни прикази во циркусот и биле дел од турнеите. Тогаш Барнум ја купил и Алиса од Зоолошката градина во Лондон. И така, Џамбо и Алиса се обединиле уште еднаш, но на многу тажен начин.

Подоцна, за време на една таква турнеја, се запалил циркускиот шатор. Посмртните останки на Џамбо не изгореле, но Алиса угинала.

На крај Барнум го испратил пополнетото тело од Џамбо на Универзитетот Тафтс во Масачусетс, а скелетот во Американскиот историски музеј во Њујорк. За студентите на Универзитетот, Џамбо станал амајлија за среќа. Тие оставле парички покрај него и си посакувале желби. Се појавиле и многу украсни текстилни „слончиња“, што се подарувале како знак на добра волја, среќа, внимание и убави желби.

За жал, еден ден и Универзитетот го зафатил пожар. Пепелта на Џамбо е зачувана во стаклена тегла. Некогаш прогласен за најголемиот слон во светот, Џамбо продолжил да „постои“ во мал простор – стаклена тегла, оставнина на Универзитетот Тафтс, како бренд на многу производи во светот и како збор, поим за големина во англискиот јазик, поголемо од најголемото.