Мажите и жените се различни во многу нешта. Снимките направени со магнетна резонанца покажуваат дека кога комуницираат мажите користат само два мозочни центрс. Жените пак, во комуникацијата користат седум мозочни центри. Тоа би изгледало како мажите да користат два фара, а жените кога комуницираат нивниот мозок наликува на новогодишна елка на која сите сијалички светат. Мажите можат да обработат само една информација што доаѓа низ нивните сетила, додека жените се во состојба да обработат низа информации. Кога мажот гледа телевизија, тој ниту гледа ниту слуша нешто друго, па дури ни зборовите кои му доаѓаат од страна или одзади. Тој е целосно сосредочен врз сликите и зборовите кои допираат од екранот.
Кога мажот вози автомобил тој мора да го стиши радиото за да погледне во мапата. Мора да го стиши радиото или телевизорот за да се јави на телефон. Не може да чита и едновремено да слуша или да гледа. Мажите може да направат одлично многу работи, но не и многу работи одеднаш. Тие тежнеат кон тоа да се сосредочат, вели познатиот консултант за обука и развој на поединци, Брајан Трејси.
Жените, од друга страна, можат истовремено да прават ручек, да читаат пошта и да разговараат со децата или со сопругот. Тие се мултидимензионални и можат да обработуваат повеќе информации одеднаш. Тие едновремено можат да зборуваат, да слушаат и да бидат свесни за она што го зборуваат или го прават другите луѓе околу нив.
Жените се експерти за човечки односи. Многу се чувствителни на другите луѓе. Кога мажот и жената ќе се најдат на некој собир, жената за 10 минути ќе ја заврши анализата и ќе направи проценка на животот и околностите на секоја личност присутна во просторијата. Наспроти неа, нејзиниот придружник ќе забележи многу малку, или речиси ништо. Тоа е поради тоа што мажите размислуваат едноставно и директно, а жените комплексно – свесни се за сите детали и мошне се чувствителни на динамиката и нијансите на меѓучовечките односи околу нив.
Мажот може да ја повика својата жена и да каже само „Здраво“. И покрај тоа што слушнала само еден збор, таа веднаш ќе праша: „Што се случило?“ Ќе стане свесна за сето богатство на значењата и на емеоциите содржани во единствениот збор кажан преку телефон или во едниот поглед што тој ќе ѝ го упати од врата.
Поради големиот број разлики меѓу мажите и жените, потребна е огромна дисциплина за да се изгради и за да се одржува долгорочна среќна врска исполнета со љубов, советува Трејси.