Кочо Рацин (1908 – 1943) е еден од основоположниците на современата македонска литература, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и литературната критика. Прекарот Рацин доаѓа од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца. Рацин кратко време користел и друг псевдоним, Невен Пејко, кој го зеде од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ. Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен.
Татунчо
Не ме колни, не ме жали!
Не ми нижи низа клетви!
Камен тежок живот ми е
а по тежок одзив пусти
по народни думи свети!
Ако куќа не направив
со високи шишмир порти,
куќа цел свет братски ми е
братски срце што отвора,
срце – порта највисока,
срце – куќа најширока.
Ако жена не донесов
ѓул-трендафил во одаја
верна, добра млада љуба –
не ме колни, не ме жали:
во борбата другарката
слнце сјае, слнце трепти!
Ако млади си години
по друмишта, по патишта
в младост горка распосејав –
погледни ми право в очи:
ти ли беше што пееше
„Ајдутин мајка не рани…”
И ако не умрам дома
туку кај што стии пиштат
в борба искри кај што л’штат –
блазе, речи на душата –
има зошто душа да е!