Си бил еднаш еден многу богат трговец, кој имал четири жени. Најмногу ја сакал четвртата жена и постојано ѝ посветувал внимание и ѝ купувал подароци. Тој ја сакал и третата жена, ја покажувал пред пријателите и со неа се шетал низ градот. Сепак, кај него постоел страв дека таа еден ден ќе му побегне и ќе отиде да живее со друг. Трговецот си ја сакал и втората жена, таа била онаа со која најмногу разговара и ѝ кажува сè. Кога и да му било тешко, трговецот веднаш барал помош од неа. Таа го водела и му помагала речиси во сите работи.
Но, трговецот имал и прва жена. Нејзе не ја сакал и речиси не ја ни забележувал, а токму таа му помогнала да се стекне со богатството и се грижела за семејството.
Еден ден трговецот се разболел и паднал на смртна постела. Плашејќи се сам да оди во задгробниот живот, ја прашал својата четврта жена, која најмногу ја сакал и на која секогаш ѝ купувал скапа облека и накит од дијаманти и злато, дали би му се придружила да умре заедно со него и заедно да одат на оној свет. Четвртата жена одговорила: „Жал ми е, но не можам да го сторам тоа“, и си заминала. Потоа ја повикал третата жена, која исто така многу ја сакал. И нејзе ѝ го поставил истото прашање: „Дали ќе ми се придружиш во следниот живот?“ Третата жена одговорила: „Жал ми е, но премногу си го сакам животот и не можам да ти се придружам на твоето патување. А кога ќе умреш, планирам повторно да се омажам!“ Дошла на ред втората жена, која секогаш била тука за него. Ѝ го поставил истото прашање, дали би му се придружила да умрат заедно и заедно да заминат во задгробниот живот. Таа одговорила: „Жал ми е, но не можам овој пат да ти се најдам. Она што можам да го направам е да ти го организирам погребот и достојно да те испратам“.
И тогаш се слушнал глас одзади: „Јас ќе дојдам со тебе и секогаш ќе те следам, каде и да одиш, па макар и во задгробниот живот“.
Кога ја кренал главата, трговецот ја видел својата прва жена, која секогаш ја ставал на последно место и најмалку се грижел за неа. Обземен од срам и жал, ѝ рекол: „Жал ми е, требаше повеќе да се грижам за тебе додека бев жив“.
Во реалноста, сите ние имаме четири жени.
Четвртата жена е нашето тело. Сакаме да го китиме со убава облека и накит, но на крајот тоа не може да нè следи во задгробниот живот.
Третата жена се нашите имоти, работите што ги поседуваме. Го трошиме своето животно време работејќи, трагајќи и обидувајќи се да дојдеме до некакви предмети, но на крајот тие не можат да нè следат во задгробниот живот. По нашата смрт, тие ќе бидат поделени меѓу други луѓе и ќе се „премажат“.
Втората жена ги претставува нашето семејство и пријателите. Нив ги сакаме и им веруваме, кога ќе ни затребаат тие се секогаш тука за нас. Но, ни тие не можат да дојдат со нас во задгробниот живот.
Првата жена е душата. Обично ја занемаруваме и честопати не се грижиме за неа, а таа е единствената која ќе нè следи во задгробниот живот.
-Тибетска народна приказна.